Мицкоски бара уставните измени да влезат во Собранието по одморите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска побара Владата по завршувањето на одморите да ги стави во собраниска процедура уставните измени.

„Кажав вчера дека верувам во секој пратеник од пратеничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ во рамките на Парламентот дека под овие околности нема да гласа за промена на Уставот и дека доколку се случи такво нешто ќе заминам трајно од политиката. Затоа што имам полна доверба во сите. Еве денеска ќе одиме чекор понапред овде во Тетово, порака до Владата предводена од ДУИ и СДСМ и Димитар Ковачевски, веднаш откако парламентарците ќе се вратат од годишниот одмор првата точка на првата седница во Парламентот да биде предлог за измена на Уставот на Македонија и доколку тој собере 80 пратеника јас веднаш истиот ден ќе го исполнам даденото ветување. Доколку тој нема 80 пратеника тогаш да одиме на предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски при посетата на Тетово.

Мицкоски денеска и утре има средби и со коалициските партнери околу прашањето за референдумот и можната седница за уставни измени, а потоа ќе се консултира во рамки на партијата.

„Откако Собранието ќе биде функционално ќе излеземе со конечен став околу референдумот, но мислам дека ставот е јасен и неколку пати повторен“, истакна Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ најави референдум за внесувањето на Бугарите во Уставот, за што се потребни уставни измени, што пак е услов за продолжување на преговорите за влез во ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на уставни измени и најави дека нема да гласа за нив, а Уставот не може да се смени само со просто мнозинство, односно потребни се и гласови од пратениците од опозициската партија.