ЕУ ги критикува талибанците за недостиг од инклузивност

Кабул, Авганистан

Талибанците „не успеаја да воспостават инклузивен политички систем“, обвини Европската унија во пресрет на првата годишнина од владеењето на ова тврдокорно исламистичко движење.

„Населението, вклучително и етничките и верски групи, а особено Хазара и шиитското население, се соочуваат со институционализирана и системска злоупотреба на нивните економски, социјални, културни, граѓански и политички права“, рече Набила Масрали, портпаролка за надворешни работи на ЕУ.

Таа додаде дека талибанците сериозно ги кршат правата на жените и девојчињата, кои остануваат лишени од средно образование и дека новите ограничувања на правилата за облекување ги исклучуваат од повеќето аспекти на економскиот и јавен живот.

Талибанците го зазедоа Кабул на 15 август 2021 година, враќајќи се на власт по 20 години откако беа соборени од инвазијата предводена од САД по нападите од 11 септември 2001 година.

Ниедна држава досега не ја призна талибанската власт.

Откако првично сигнализираа дека ќе бидат поумерени од нивното претходно владеење, талибанците повторно зазедоа тврда линија, нарушувајќи ги правата на жените и воведувајќи поцврста контрола врз печатот.

Реакцијата на ЕУ доаѓа еден ден откако талибанците насилно ги растурија протестите на жените во Кабул, со истрели во воздух и тепање на демонстрантите кои бараа „леб, работа и слобода“.

Околу 40 жени вчера протестираа пред Министерството за образование во Кабул пред талибанците да ги разбијат. Исто така беа уапсени тројца странски новинари, од Германија, Данска и Норвешка, и еден авганистански работник кои го покривале протестот. Двајца локални новинари биле полесно повредени, соопшти Авганистанското здружение на независни новинари.

Амнести интернејшнал изрази загриженост за прекумерната употреба на сила.