Талибанците растурија протест на жени во Кабул

Архивска фотографија - Авганистански жени и девојки учествуваат на протест пред Министерството за образование во Кабул на 26 март 2022 година

Талибанските борци насилно го растурија мирниот протест на група жени кои бараа „леб, работа и слобода“ во Кабул, пукајќи од пиштоли во воздух и тепајќи ги демонстрантите.

Околу 40 жени протестираа пред зградата на Министерството за образование на 13 август пред борците да ги растераат.

Фотографиите и видеата од протестот објавени на социјалните мрежи покажуваат дека талибанските сили пукаат со предупредувачки истрели и физички ги напаѓаат жените.

Талибанците, исто така, приведоа тројца странски новинари и еден авганистански новинар за покривање на протестот, додека други двајца локални новинари се полесно повредени, соопшти Авганистанското здружение на независни новинари (АИЈА).

Хуџатула Муџадиди, висок член на АИЈА со седиште во Кабул, изјави за ДПА дека приведените странски новинари се од Германија, Данска и Норвешка.

Амнести интернешнал изрази загриженост за извештаите дека талибанците употребиле „прекумерна сила“ за да ги растераат жените што протестираат.

На видеото за кое се вели дека е направено од маршот, се гледа како жените носат транспаренти и постери и маршираат на улица барајќи право на работа и политичко учество.

Најголем дел од нив не носат превези на лицето.

На еден од транспарентите пишуваше „15 август е црн ден“, референца на датумот, кога лани талибанците ја презедоа контролата над Авганистан.

Откако ја презеде контролата, владата предводена од талибанците драстично ги ограничи правата на жените и девојчињата. Во голема мера им е забрането на девојчињата да посетуваат средни училишта и им забрани на жените да патуваат без машки придружник, член на семејството, принудувајќи многу од нив да се откажат да работат надвор од домот.

Жените, исто така, мора целосно да се покриваат во јавност, вклучувајќи го и лицето.

Владата предводена од талибанците остана главно изолирана на меѓународно ниво како резултат на нејзината тврдокорна исламистичка политика кон жените и девојчињата.