Лани во Грција имало речиси половина милион македонски туристи

Плажа во Грција

Со нешто помалку од половина милион посетители, Македонија е на 11-то место меѓу топ 15 земји со најголем број посетители во Грција за 2021 година, согласно анализата на Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ), пренесува МИА.

Првите 15 земји со најголем број посети и посетители на Грција се Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Полска, Романија, Холандија, САД, Кипар, Македонија, Швајцарија, Австрија, Србија и Белгија.

Согласно податоците и анализите, нашата земја е непроменета на 11-та позиција. Од земјите од регионот, пред нас е Бугарија, на петто место, а зад нас Србија на 14 место.

Топ три земји со најголем број посети и посетители се Германија, на првото место со 3 милиони посетители, Велика Британија со 1,6 милиони и Франција со 1,175 милиони посетители.

Најголем пад има кај туристите од Бугарија.

Најпосетени локации се островите во јужниот дел на Егејското Море и Крит, а Македонците се во топ три туристи во северниот дел на Грција, во регионот Централна Македонија. Сепак, туристите од земјава не се во топ 3 држави според бројот на ноќевања и според направените трошоци за време на престојот.