Пендаровски за Рамковниот - Само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна иднина

Претседателот Стево Пендаровски

Зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата се клучни придобивки од Рамковниот договор, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во пораката за одбележувањето на 21-годишнината од потпишувањето на Договорот.

Пред 21 година, во Охрид, претседателите на четирите тогашни најголеми политички партии заедно со претседателот Борис Трајковски и претставниците на ЕУ и на САД го потпишаа Рамковниот договор кој ја спречи натамошната ескалација на конфликтот и донесе мир и стабилност.

Тој посочува дека денес кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.