Од политика до кожни волани

МАКЕДОНИЈА - Приведени се 15 жители на Гостивар и околни села поради учество во масовна тепачка која се случи во среда навечер во Гостивар. Полицијата соопшти дека привршува со расчистување на случајот и дека вчера биле приведени последните деветтемина кои учествувале во тепачката.

МАКЕДОНИЈА - Негативен е тестот на жителот на Кичево кој денеска беше тестиран за дали е заразен со мајмунски сипаници, изјави вечерва за МИА портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ.

МАКЕДОНИЈА - Поради опасност од бегство на докторот и сопственик на приватна болница Жан Митрев му е одземен пасошот, соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје. Претходно Обвинителство соопшти дека денеска по распитот на Митрев и утврдување на определени околности е отворена истрага против него под сомнение за измама на пациенти.

МАКЕДОНИЈА - Здравствениот дом Тетово е државната институција која набавила автомобил со кожен волан, шест звучници и металик боја од парите за справување со пандемијата на коронавирус. Марката на возилото е Опел Кросленд Елеганс и чинело 1.286.200 денари или речиси 21 илјада евра. Договорот за негова набавка е склучен на 24 ноември, минатата година.

ЦРНА ГОРА - Во Црна Гора е прогласена тридневна жалост по крвавиот масакр во Цетиње во кој денеска загинаа 11 луѓе меѓу кои и напаѓачот, а шестмина се ранети

САД - Познатиот писател и и добитник на најголемите светски книжевни награди Салман Ружди денеска бил нападнат на сцена на настан во Њујорк непосредно пред да одржи предавање.

САД - Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека извештајот во кој се вели дека агентите на ФБИ барале документи поврзани со нуклеарно оружје кога го претресувале неговиот дом на Флорида е „измама“. Трамп ја објави изјавата на својата платформа на социјалните мрежи Truth Social на 12 август, еден ден откако Вашингтон пост објави информации од извештајот на ФБИ.

РУСИЈА - Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев денеска упати прикриена закана до западните сојузници на Украина кои ја обвинија Русија дека создава ризик од нуклеарна катастрофа со стационирање сили околу украинската централа Запорожје. Украина ја обвини Русија дека врши напади врз украинските места во таа локација, знаејќи дека украинските сили не може да ризикуваат да возвратат.

БУГАРИЈА - Во објава на Фејсбук, лидерката на Бугарската социјалистичка партија, Корнелија Нинова, повика на итни преговори со руската енергетска компанија Газпром за да се избегнат банкроти на деловните активности и да се осигура дека луѓето во земјата нема да страдаат во претстојната зима. Според Нинова, додека политичарите во Бугарија и експертите се расправаат кој е виновен, дали има бродови со течен гас, дали ќе работи интерконекторот со Грција, фабрики за ѓубрива во земјата почнаа да го затвораат производството и да отпуштаат работници.

КОСОВО - Косовскиот премиер Албин Курти денеска наведе дека изјавите во Белград за убиства и насилство зборуваат „за нив и нивната имагинација и планови, а не за Косово“. Ова е неговата реакција на изјавата на српскиот претседател Александар Вучиќ дека на Косово подготвуваат ликвидација на Србите на север. „Прво, врз основа на победата во февруари минатата година, јас сум премиер на надеж и напредок, додека во Србија имате претседател на страв и закани. Кога во Србија зборуваат за насилство, зборуваат за себе, тие не зборуваат за нашата република, за нас зборуваат нашите институции“, вели Курти, а пренесува Косово-онлајн.