УНХЦР стравува дека во близина на Родос загинале десетици бегалци и мигранти

Илустрација на брод со бегалци и мигранти во Егејско море

Најмалку 26 лица се водат како исчезнати, откако во средата потона брод со бегалци и мигранти во близина на грчкиот остров Родос. Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) стравува дека загинати се десетици лица во Егејското Море, со оглед на тоа што два дена подоцна, бројот на спасени останал непроменет.

Крајбрежната служба на Грција, веднаш по потонувањето на чамецот спаси 29 лица, додека според УНХЦР уште пет лица биле спасени од турската крајбрежна служба. Според сведоштвата на преживеаните, во чамецот имало од 60 до 80 лица, што значи дека најмалку 26 лица се исчезнати.

Бродот потона во средата на 10 август на 38 наутички милји јужно од Родос во меѓународните води и во рамките на делот во кој Грција е одговорна за потрага и спасување, а според сведоштвата на бегалците и мигрантите, како што соопшти УНХЦР, чамецот од Турција тргнал кон Италија.

Грција бара од Турција да им помогне на мигрантите на пограничниот речен остров

Претставничката на УНХЦР во Грција Марија Клара Мартин вели дека треба да се стави крај на зголемените смртни случаи на границите на Европа.

„Оваа континуирана загуба на животи е неприфатлива. Без алтернативни безбедни патишта, бегалците и мигрантите продолжуваат да ги ризикуваат своите животи. Сите луѓе имаат право да бараат безбедност ако бегаат од војни и прогони. Треба да се стави крај на зголемените смртни случаи на границите на Европа“, вели таа.

Според проценките на УНХЦР во првата половина на 2022 година речиси 1.200 луѓе загинале или се водат за исчезнати во море, во обид преку Медитеранот и северозападниот африкански поморски пат да стигнат до Европа, а „оваа бројка вклучува најмалку 25 загинати или исчезнати во источниот Медитеран“.

Минатата година, загинале или исчезнале 3.100 луѓе.