Од Правда не добиле барање за позитивно мислење за регистрацијата на здружението ,,Цар Борис Трети”

Министрство за правда

До Министерството за правда не е доставено барање за добивање позитивно мислење во постапката за регистрација на здружението „Цар Борис Трети“, соопштија од ова министерство.

Соопштението следи по негативната реакција на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, од каде велат дека дека се згрозени и навредени од регистрацијата на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид и од „леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза“.

„Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест кои носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за Еврејската заедница, навреда за македонската држава и за нејзините граѓани… или некој можеби мисли поинаку, дека на овој начин, со промоција и величање на фашизмот и нацизмот, се зајакнуваат добрососедските односи“, реагираа од Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Тие посочуваат дека името на царот Борис Трети е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна.

По водство на Борис Трети, кој во бугарската историографија е познат како „Царот обединител“, Бугарија се приклучува кон Тројниот пакт на нацистичка Германија, фашистичка Италија и милитаристичка Јапонија. Тој во април 1941 година дозволува германските сили од територијата на Бугарија да извршат агресија врз Кралството Југославија, по што за награда добива територии од распаднатата југословенска држава и Грција, вклучително и голем дел од денешна Северна Македонија. Умира неочекувано на 28 август 1943 година, набрзо по неговата посетата на Хитлер.