Во синоќешната сообраќајка на патот Гевгелија – Демир Капија повредени 35 мигранти

Полиција, Северна Македонија

Триесет и петмина мигранти од вкупно 49 се повредени во синоќешната сообраќајка која се случи на магистралниот пат Гевгелија-Демир Капија на клучката за село Марвинци откако камион „сканија“ со скопски регистарски таблички, во кој се превезувале мигрантите, излетал од патот. Според информациите од портпаролот на СВР Струмица, Александра Трајанова, еден од мигрантите имал потешки повреди. „Според кажувањата на мигрантите сите се од Сирија, бидејќи некои имале патни исправи, а некои немале. Возачот побегнал, а на местото на излетувањето на камионот се пронајдени мигрантите“, изјави Трајанова.

Тешка сообраќајка на патот Удово-Гевгелија, повредени 29 мигранти

Повредените биле пренесени во гевгелиската и струмичката болница, а по укажаната помош еден е задржан на лекување во Гевгелија, а еден е испратен на понатамашно лекување во Клиничкиот центар во Скопје. „Мигрантите беа донесени со возила на итната медицинска помош од Валандово, Кавадарци, Неготино и Гевгелија. Вкупно беа згрижени 24 лица со различен тип и тежина на повреди. По направените прегледи констатирано е дека 22 лица се со полесни повреди и по санирањето лицата се испратени во Прифатниот центар „Винојуг“. Две лица со потешки повреди се испратени во Скопје“, изјави д-р Митко Крџев, директор на болницата во Гевгелија.