Американското Министерство за правда подигна обвинение против член на елитната иранска Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) во врска со обид за убиство на поранешниот советник за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон.
Одделот за правда ги објави обвиненијата против 45-годишниот Шахрам Пурсафи, познат и како Мехди Резаи од иранскиот главен град Техеран во соопштението објавено денеска.
Одделот соопшти дека Пурсафи „се обидел да им плати на поединци во САД 300.000 долари за да го извршат убиството“ или во Вашингтон или во соседната американска држава Мериленд.
Обвинителите рекоа дека заговорот најверојатно бил како одмазда за нападот со беспилотно летало во јануари 2020 година, во кој беше убиен Касем Сулејмани, кој беше шеф на елитните сили Кудс на ИРГЦ.
Болтон, кој служеше како советник за национална безбедност на тогашниот претседател Доналд Трамп, а исто така беше и амбасадор на САД во Обединетите нации, им се заблагодари на ФБИ и Министерството за правда за нивната работа во развојот на случајот.
Тој во изјавата рече дека иако многу не може да се каже јавно, „една точка е неспорна: владетелите на Иран се лажговци, терористи и непријатели на Соединетите држави“.