Со нов вирус заразени 35 луѓе во источна Кина

Илустративна фотографија

Научниците следат нов вирус од животинско потекло во источна Кина, кој заразил најмалку неколку десетици луѓе, јавува Би-Би-Си. Кај 35 пациенти во провинциите Шандонг и Хенан е пронајден нов хенипавирус Лангија (LayV). Многумина имале симптоми како треска, замор и кашлица. Се верува дека вирусот го добиле од животни.

Засега, нема докази дека (LayV) може да се пренесе меѓу луѓето, а истражувачите го откриле вирусот претежно кај животното ровчица. Откривањето беше истакнато во писмо напишано од истражувачи од Кина, Сингапур и Австралија и објавено во „New England Journal of Medicine“ овој месец.

Еден од истражувачите, Ванг Линфа од Медицинскиот факултет Дјук-НУС во Сингапур, за кинескиот државен Глобал Тајмс изјави дека случаите на LayV пронајдени досега не биле фатални или многу сериозни, така што „нема потреба од паника“.

Сепак, рече Ванг, сè уште има потреба од претпазливост бидејќи многу вируси кои постојат во природата имаат непредвидливи резултати кога ги инфицираат луѓето. Научниците рекоа дека LayV бил пронајден кај 27 отсто од тестираните ровчици, што укажува на тоа дека цицачите слични на крт би можеле да бидат „природни резервоари“ за вирусот.

Позитивни биле и околу 5 отсто од кучињата и 2 отсто од козите. Тајванскиот центар за контрола на болести во неделата соопшти дека посветува „големо внимание“ на развојот на LayV.

LayV е вид на хенипавирус, категорија на зоонозни вируси кои можат да се пренесат од животните на луѓето. Зоонотичните вируси се многу чести, но привлекоа поголемо внимание по почетокот на ковид пандемијата.

Американскиот центар за контрола и превенција на болести објави дека научниците проценуваат дека три од секои четири нови или појавни заразни болести кај луѓето потекнуваат од животни. Обединетите нации претходно предупредија дека светот ќе гледа се повеќе вакви болести со зголемената експлоатација на диви животни и климатските промени.

Некои зоонозни вируси можат да бидат потенцијално фатални за луѓето. Тука спаѓаат вирусот Нипа, кој има периодични епидемии меѓу животните и луѓето во Азија, како и вирусот Хендра, кој првпат бил откриен кај коњите во Австралија. Други сродни хенипавируси, исто така, се пронајдени кај ровчиците, како и кај лилјаците и глодарите.