Еврејската заедница згрозена од регистрaцијата на Здружението Цар Борис III во Охрид

Одбележување на годишнина од депортацијата на македонските Евреи.

Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија се згрозени и навредени од регистрaцијата на Здружението Цар Борис III Охрид и од леснотијата со која во нашата држава се глорифицираат нацизмот, фашизмот и се шири говор на омраза. „Очигледно е дека зачестија регистрации на здруженија со бугарска самосвест кои носат називи на докажани соработници на нацистичка Германија. Тоа е свесна провокација и навреда за Еврејската заедница, навреда за македонската држaва и за нејзините граѓани… или некој можеби мисли поинаку, дека на овој начин, со промоција и величење на фашизмот и нацизмот, се зајакнуваат добрососедските односи?!“, се наведува во соопштението во кое се додава дека името цар Борис III е поврзано со прогонот и уништувањето на Евреите од окупираните територии од страна на фашистичка Бугарија за време на Втората светска војна.

Комисијата се уште не утврдила дали имало дискриминација за бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“

„Да потсетиме, цар Борис III и владата на Царска Бугарија се директни виновници за депортацијата на повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии во Македонија, Грција и Србија, од кои 7.144 се Евреи од Македонија, во центарот за убивање Треблика, во окупирана Полска. Ова е еклатантен пример на негирање и искривоколчување на холокаустот, на исмевање и навреда за Евреите“, реагираат од Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија кои потсетуваат дека во врска со отворањето на културниот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола повикале „да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија и сл. да носат имиња на потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите“. „Несфатлива е рамнодушноста на надлежните органи во прилики кога одредени поединци на најгруб начин ја искривуваат историјата и газат по достоинството на Евреите и на сите граѓани на Северна Македонија“, се наведува, меѓу другото, во денешното соопштение на Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија