Политичари и апчиња

ГЕРМАНИЈА / РУСИЈА - Претставници на Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на канцеларот Олаф Шолц го отфрлиле барањето за исклучување од партијата на поранешниот канцелар Герхард Шредер поради блиските врски со рускиот енергетски сектор и со претседателот Владимир Путин.

ГРЦИЈА - По барањето доставено од лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, грчкиот Парламент ќе отвори порано од планираното, за да се одржи вонредна пленарна седница за случајот со прислушувањата во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

САД / УКРАИНА - САД најавија уште една милијарда долари воена помош за Украина, ветувајќи дека тоа ќе биде најголемата испорака на ракети, муниција и друго оружје од залихите на Министерството за одбрана досега.

ХРВАТСКА - Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денска изјави дека санкциите кои Западот ѝ ги воведе на Москва поради нападот врз Украина не функционираат и дека тоа нема да ѝ наштети на Москва, но ѝ наштетило на Хрватска.

УКРАИНА - Шефот на југоисточниот украински регион Запорожје, Евгениј Балицки, кого го постави Москва, официјално нареди локален референдум за можноста за придружување на таа покраина кон Руската Федерација.

МАКЕДОНИЈА - Пожарот кај селото Фурка и браната Паљурци, помеѓу општините Дојран и Богданци сè уште е активен. Од изутрината координирано дејствуваат пожарникари и вработени на шумските стопанства од Гевгелија, Дојран, Кавадарци, Валандово и Струмица, информираат од ЦУК.

МАКЕДОНИЈА - Прогресивното оданочување останува отворено прашање за кое, како што најавуваат од Министерството за финансии, ќе се дебатира во следниот период. Во предлог-даночната реформа нема конкретен предлог за ова прашање со цел да се остави простор за дебата и да се види кое решение би било најсоодветно.

РОМАНИЈА - Романскиот министер за здравство Александру Рафила ги повика денеска Романците помлади од 40 години „што е можно поскоро“ да одат кај своите матични лекари или во аптеките за да земат таблети со калиум јодид.

КОСОВО - Косовскиот премиер, Албин Курти, по повод последните инциденти во северно Косово, каде што живее мнозинско српско население, изјави дека постои опасност од нов конфликт меѓу Косово и Србија, односно од нова војна во Западен Балкан.

МАКЕДОНИЈА - Управата за финансиска полиција денеска поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје, соопшти Управата, наведувајќи дека во пријавата биле опфатени сите обвинители за кои се смета дека постојат основи на сомнение за сторени кривични дела. „Со оглед на тоа што постапката за сите пријавени лица од овој момент е тајна, почитувајќи ја пресумпцијата на невиност на пријавените, тоа е се што во овој момент можеме да споделиме со јавноста, согласно Законот за кривична постапка“, се вели во изјавата на Управата за финансиска полиција.

ТУРЦИЈА - Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган следниот месец ќе ги посети балканските земји и дека тоа ја потврдува посветеноста на земјата за мирот и стабилноста во регионот. „Посетата на балканските земји следниот месец на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ја потврдува нашата посветеност на мирот и стабилноста во регионот. Турција силно ги поддржува мирот и стабилноста на Балканот“, рече Чавушоглу, говорејќи на отворањето на 13 конференција на амбасадори што се одржа во Анкара.

БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА - ЕУФОР го објави пристигнувањето на германски воен контингент во Босна и Херцеговина, со што бројот на земји кои учествуваат во мисијата ЕУФОР Алтеа ќе се зголеми на дваесет. Распоредувањето на контингентот, кое започнува во средината на август, ќе се спроведува етапно и ќе бидат распоредени најмногу педесет војници, соопшти ЕУФОР. Се додава дека новиот персонал ќе претставува дополнителен капацитет за ЕУФОР низ целата земја. Ваквиот ангажман, како што е посочено, е уште еден показател за посветеноста на ЕУ за стабилна, просперитетна и европска иднина за сите граѓани на Босна и Херцеговина.

ИРАН - Преговарачите вклучени во обновените разговори за заживување на иранскиот нуклеарен договор со Иран од 2015 година, изјавија дека се оптимисти за можноста за постигнување договор. Енрике Мора, главниот преговарач на Европската унија, во текот на викендот рече дека е „апсолутен“ оптимист за напредокот на разговорите досега. „Ние напредуваме и очекувам наскоро да ги затвориме преговорите“, изјави тој. Рускиот амбасадор Михаил Улјанов вчера рече дека остануваат да се решат „3 или 4 прашања“. „Стоиме на 5 минути или 5 секунди од целта“, им рече Улјанов на новинарите пред хотелот каде што се одржуваат разговорите.

ШВЕДСКА / ФИНСКА / ТУРЦИЈА - Турција нема да го поддржи приемот на Шведска и Финска во НАТО додека тие држави не ги исполнат своите обврски во врска со борбата против тероризмот, изјави турскиот министер за правда Бекир Боздак. „Погрешно е да се очекува позитивна одлука од Турција во однос на поддршката за членството на нордиските земји, додека тие не си го одржат зборот“, изјави Боздак за турски медиуми. Според него, Анкара се уште нема добиено никаков одговор од Шведска и Финска на барањето на Турција за екстрадиција на лица вклучени во терористички активности.

ИЗРАЕЛ / ПАЛЕСТИНА - Сирени за предупредување за проектили се огласија во израелските градови во близина на границата со Појасот Газа набргу по стапувањето во сила на прекинот на огнот меѓу Израел и палестинскиот Исламски џихад. Судејќи според првите извештаи, еден проектил бил пресретнат од „Железната купола“, систем за противвоздушна одбрана, над градот Мивтахим, јавуваат израелските медиуми. Прекинот на огнот официјално стапи на сила во 23:30 часот. Следните часови ќе бидат клучни и ќе се види дали прекинот на огнот ќе остане на сила по судирите кои почнаа во петокот попладне.