Техеран вели дека иранските експерти „од првиот ден“ ќе го контролираат иранскиот сателит што треба да биде лансиран од Русија следната недела, отфрлајќи ги информациите дека Москва ќе биде првата што ќе го користи за „да го подобри надзорот над воените цели“ во Украина.
„Сите наредби поврзани со контролата и работата на овој сателит ќе бидат спроведени и издадени од првиот ден, и веднаш по лансирањето, од страна на ирански експерти лоцирани во иранските вселенски бази“, објави Иранската вселенска агенција во денешно соопштение.
Вселенското летало, сателит за далечинско истражување наречен Кајам, ќе биде лансиран во орбитата со ракета Сојуз од космодромот Бајконур во Казахстан на 9 август, според руската државна вселенска корпорација.
Во извештајот на Вашингтон пост од 4 август се тврди дека Русија „планира да го користи сателитот неколку месеци или подолго“ за да им помогне на нејзините воени напори во Украина пред да му дозволи на Иран да ја преземе контролата над него.
Цитирајќи анонимни западни разузнавачки извори, во извештајот се вели дека сателитот ќе му обезбеди на Техеран „невидени способности, вклучително и речиси континуирано следење на чувствителните објекти“ во Израел и во Заливот.
Сепак, иранската вселенска агенција ги отфрли тврдењата како „лажни“ и рече дека „ниту една трета земја не може да пристапи до информациите“ испратени од сателитот поради неговиот „шифриран алгоритам“.
Иран успешно го лансираше својот прв воен сателит во орбитата во април 2020 година, по што следеше лансирањето на воениот сателит за извидување Нур-2 во март 2022 година.
Минатата година Москва го негираше извештајот на американските медиуми дека Русија има намера да го снабди Иран со напреден сателитски систем кој во голема мера ќе ги подобри неговите шпионски способности.
Западните влади се загрижени дека системите за лансирање сателити вклучуваат технологии кои се како оние што се користат во балистички ракети способни да испорачаат нуклеарна боева глава. Иран инсистира дека неговата вселенска програма е само за цивилни и одбранбени цели.