Испратен армиски хеликоптер за гаснење на пожарот меѓу Дојран и Богданци

Гори шумата покрај патот Дојран-Богданци, 7 август, 2022

Се разгорува пожарот кај селото Фурка, поради што е испратен хеликоптер за да помогне за негово гаснењето, соопштија од Центарот за управување со кризи.

„Пожарот кај с.Фурка помеѓу општина Дојран и Богданци е активен и добива посериозен интензитет. Се движи од брана Паљурци кон планината Карабалија по регионалниот пат Богданци - Дојран во ширина од 300 до 400м. Гори деградирана шума-прнар, а на места има и борова шума“, појаснуваат од ЦУК.

Оттаму велат дека градоналалниците од двете општини побарале помош од хеликоптер на Армијата, кој веќе е испратен кон Богданци. Појаснуваат дека пожарот поради ветерот, брзината на движење и променливиот правец кој веќе неколку пати ја менува насоката го опфатил и сртот на ридот што е природна граница помеѓу двете општини, поради што се работи за непристапен и тежок терен без патна инфраструктура.

Пожарот го гаснат триеесетина пожарникари од Гевгелија, Дојран,Кавадарци и Валандово, а на помош им се и комуналните и шумските служби.

За денеска е најавено многу топло време, со ветер и можност за краток пороен дожд во попладневите часови.