Четири лица, вклучително и двајца полицајци беа убиени во северозападен Пакистан во напад чија цел беше провинциски пратеник од партијата Техрик-е Инсаф (ПТИ) на поранешниот премиер Имран Кан, соопшти полицијата.
Пратеникот Лиакат Кан и уште тројца беа ранети во нападот што се случи во областа Мајдан , во провинцијата Кајбер Пахтунхва доцна на 6 август. Нестабилната провинција е управувана од ПТИ.
Кан, кој се здоби со повеќе прострелни рани, беше префрлен во болница во главниот град на провинцијата, Пешавар. Лекарите рекоа дека Кан „бил опериран“ и дека „е надвор од животна опасност“.
Полицијата соопшти дека пратеникот и неговите соработници се враќале дома откако присуствувале на погреб кога нивното возило било нападнато од неидентификувани вооружени лица. Меѓу убиените се внукот и братот на пратеникот на ПТИ.
Засега нема преземено одговорност за нападот. Полицијата ја опколи областа и започна истрага.