Привршуваат спорните кинески воени вежби во Тајван

Човек стои пред екранот на трговски центар во Пекинг, на кој има мапа на локации низ Тајван каде кинеската армија требаше да спроведе воени вежби, 3 август 2022 година

Воени бродови и од Тајван и од Кина беа вклучени во тензичен судир во Тајванскиот теснец, каде се одвиваа кинеските воени вежби за кои се чинеше дека симулираат напад над самоуправниот остров Тајван, а треба да завршат денеска, на 7 август.

Се смета дека вежбите се одговор од Кина на неодамнешната посета на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, која Пекинг ја нарече провокација.

Министерството за национална одбрана на Тајван на 6 август соопшти дека вооружените сили на Тајван објавиле тревога, испратиле воздушни и поморски патроли околу островот и активирале копнени ракетни системи како одговор на кинеските маневри.

Се смета дека 20 кинески авиони и 14 бродови продолжиле да вршат вежби на море и воздух до крајот на 6 август.

Тајван испрати свои бродови во областа како одговор, а двете страни, наводно, биле вклучени во голема игра на мачка и глушец.

Тајван рече дека акциите на Пекинг „сериозно го нарушиле мирот“, додавајќи дека тајванската војска не бара војна, но е подготвена да одговори доколку е потребно.

Кинеското Министерство за одбрана соопшти дека извршило воени вежби како што беше планирано во морето и воздушните простори на север, југозапад и исток од Тајван, „проверувајќи ги способностите“ на нејзините системи за копнени и морски напади.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен ги осуди воените вежби на Кина со жив оган во близина на Тајван како „значајна ескалација“ и рече дека „нема оправдување“ за вежбите.

Пекинг, кој го смета Тајван како одметничка провинција која треба да биде припоена со сила доколку е потребно, смета дека контактот на американските официјални лица со Тајпеј е обид да се поттикне трајна децениската де факто независност на островот. Американските власти го отфрлија тоа тврдење.