Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, за Радио Слободна Европа (РСЕ) потврди дека безбедносните органи ја уапсиле Русинката Дарија Асламова на северот на земјата.
Во објава на Фејсбук, Свечља истакна дека „многу земји докажале дека таа се занимавала со шпионажа за руските воени разузнавачки служби и дека дејствувала под маската на новинар“.
„Таа учествуваше и во борбите во Украина со пропаганда за руската инвазија на Украина“, додаде Свечља.
На неколку од фотографиите што Свечља ги сподели на Фејсбук, Асламова може да се види со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и сирискиот претседател Башар ал Асад.
Свечља рече дека косовските власти биле запознаени со нејзините активности, а според него, на Асламова и бил забранет влез во многу земји.
„Нејзиниот обид да влезе во нашата земја, покрај тоа што се совпаѓа со настаните на северот на земјата, јасно ги докажува руските врски и пропаганда на која Србија веќе се приклучила и која има за цел да ја дестабилизира нашата земја, рече Свечља кој посочи дека се работи на разјаснување на нејзините намери.
На Асламова и беше забранет влез во Молдавија во 2017 година. Во тоа време таа работеше за рускиот медиум Комсомолскаја Правда, кој е познат по своите проруски ставови.
Молдавскиот сервис на Радио Слободна Европа објави дека безбедносните служби го одбиле нејзиниот влез „бидејќи не можела да ја оправда причината за посетата“.
Поранешниот претседател на Молдавија, Игор Додон изјави дека новинарката го интервјуирала, а ги критикувал безбедносните органи за таквата одлука.
Додон беше познат и по своите проруски ставови.