Македонскиот весник „Илинден“ стана дел од платформата Алијанса за етички медиуми на Албанија (АЕМ) како прв ваков весник на македонското малцинство во Албанија.
Како што појасни Никола Ѓурѓај, главен и одговорен уредник, АЕМ ги штити своите членки од не фер притисоци и напади, како доброволна група албански медиуми посветени на строго спроведување на етичкиот кодекс на новинарите.
Весникот „Илинден“, првпат излезе од печат во февруари 2011 година во Тирана, а во изминатите 11 години отпечатени се 53 негови изданија. Ова е единствениот македонски весник во Република Албанија што излегува во печатена и електронска форма. Тој објавува информации на македонски јазик, за Македонците во Албанија, Македонија, Балканот, Европа и светот.
„Се стремиме да има стандарди на објективно, истражувачко, аналитичко новинарство, објективна презентација на информациите и нивните извори, како и квалитет и креативност во креирањето на вестите“, појаснува уредникот Ѓурѓај.