ИПСОС анкета нарачана од ВМРО ДПМНЕ - двојна предност на опозициската партија пред СДСМ

Протести против францускиот предлог, 11 јули 2022

Теренската анкета што јули ја спроведе агенцијата ИПСОС за потребите на ВМРО-ДПМНЕ, покажа дека опозициската партија има двојно повисок рејтинг од најголемата владејачка партија, повеќе од половината граѓани се против францускиот предлог, како и дека најголем проблем на земјава во моментов е економијата.

На прашањето за тоа дали го поддржуваат францускиот предлог за надминување на спорот помеѓу Македонија и Бугарија, дури 58% од граганите дале негативен одговор, наспроти 26% кои му дале поддршка на предлогот.

На средината на јули, по масовни протести и тридневна жолчна дискусија, со 68 гласови „за“ и без „против“ и „воздржани“, македонскиот парламент ги усвои предложените заклучоци за францускиот предлог. Гласањето се одвиваше без пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на Левица, кои ја напуштија салата.

Со ова, делумно се откочија евроинтегративните процеси за Македонија и крена бугарското вето, со што започна скринингот, но земјава презема обврска да ги стави Бугарите во македонскиот Устав, ако сака вистински почеток на преговори за влез во ЕУ. На ова силно се спротивставува опозициската ВМРО ДПМНЕ, чии гласови од пратениците се неопходни за отворање на Уставот.

На прашањето за која партија би гласале граѓаните на следните избори анкетата на ИПСОС покажа дека во полза на ВМРО-ДПМНЕ се изјасниле 19.7% од испитаниците, додека за СДСМ 9.5%, за ДУИ 6.2%, за Левица 5.9%, а за Алијанса за Албанците 2.8%.

Сепак повеќе од половината испитаници не избрале партија. Така, најголем е бројот на оние кои не одлучиле за кого да гласаат (22,5%), 17% одбиле да одговорат, а над 12% одговориле дека не би гласале.

Во однос пак на тоа кои се најзначајните проблеми со кои се соочува земјава во моментов над една третина од граѓаните ја навеле економската состојба и лошиот стандард. За 8% од граѓаните најголем проблем за земјава е францускиот предлог, за 7% невработеноста.

Анкетата на ИПСОС за ВМРО ДПМНЕ содржи оценка за досегашното работење на премиерот Димитар Ковачевски, при што 36% од испитаниците не му дале преодна оценка, додека само 8% го оцениле со петка.

Од СДСМ реагираа на објавувањето на оваа анкета нарекувајќи ја фингирана, порачувајќи дека со неа лидерот на ВМРО ДПМНЕ сака да ја задржи „ фотелјата во Белиот дворец“.

„Фингираните анкети, исто како и референдумот служат единствено за лична внатрепартиска употреба на Мицкоски. Ништо не може да го скрие фактот дека Мицкоски кој самиот се прогласи за анти ЕУ политичар работи на штета на државните и националните интереси“, реагираа од СДСМ.

Теренска анкета на јавното мислење е направена на примерок од 1.014 испитаници за периодот од 01 до 18 јули 2022 година.