Парична казна за Фенербахче и делумно затворање на стадионот по навивачките скандирања „Путин“

Илустративна фотографија/ Навивачи на Фенербахче

Европското фудбалско тело УЕФА го казни клубот Фенербахче Истанбул со делумно затворање на стадионот и парична казна откако турските навивачи го скандираа името на рускиот претседател Владимир Путин за време на квалификацискиот натпревар за Лигата на шампионите против украинскиот Динамо Киев минатиот месец.

Русија ја нападна Украина во февруари и војната предизвика илјадници смртни случаи, додека милиони се раселени.

Скандирањата започнаа откако Украинецот Олександр Караваев го постигна победничкиот гол за украинската страна во реваншот во Истанбул, бидејќи на 27 јули тие беа победници со вкупен резултат 2-1.

Поради тоа, романскиот тренер на Динамо, Мирчеа Луческу ја бојкотираше прес-конференцијата по натпреварот, а УЕФА сега го санкционираше турскиот клуб поради однесувањето на нивните навивачи.

Клубот е казнет со 50.000 евра, додека делумното затворање на најмалку 5.000 места за следниот европски домашен натпревар на Фенербахче е наредено поради „фрлање предмети и пренесување провокативна порака од навредлив карактер, т.е. недозволени скандирања“, соопшти УЕФА.

Претседателот на клубот Фенербахче Али Коч ги нарече скандирањата „непримерни“, но одби да се извини.

„Мислам дека тоа беше несоодветно и непотребно скандирање, далеку од тоа како се гледаме себеси како клуб. Но, што да правиме? Затворете им ја устата. Нема да и се извинуваме на Украина“, рече Коц.