Најмалку 11 загинати во автобуска несреќа во Хрватска

Илустративна фотографија/ Палење свеќи во чест на жртвите автобуска несреќа во Хрватска, која се случи минатото лето при што загинаа 10 лица кога автобус кој возел од Германија кон Косово излета од патот во близина на Славонски Брод

Најмалку 11 лица загинаа, а најмалку 25 се потешко повредени утринава кога автобус со полски регистарски таблички излетал од автопатот во правец кон Загреб.

Сообраќајната несреќа се случила околу 5 часот и 40 минути на 62-от километар од автопатот во правец кон Загреб, меѓу местата Јарек Бисашки и Подворец, јавуваат хрватските медиуми.

Ангажирани се неколку екипи за итни случаи од Вараждинската жупанија и Загреб, а на терен се и пожарникарите од Вараждин и Загреб.

Сообраќајот има една лента, со регулација на полициски службеници.

Хрватскиот авто-клуб објави известување дека меѓу клучките Брезнички Хум и Комин во правец кон Загреб, се вози со ограничување на брзина на 40 километри на час.