Кинески авиони и бродови симулираат напад врз Тајван

Илустративна фотографија

Кинески авиони и воени бродови утринава вежбаа напад врз Тајван во саботата, соопштија островските власти, како одмазда за посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.

Поради нејзината посета на Тајван, Пекинг исто така го прекина дијалогот со САД во неколку области и воведе санкции за Пелоси.

Кратката ненајавена посета на Пелоси на островот за кој Кина тврди дека е нејзина територија, го налути Пекинг и поттикна воени вежби кои вклучија истрелување балистички ракети над главниот град Тајпеј.

Кинеските вежби се очекува да траат до недела попладне.

Во саботата наутро, тајванското Министерство за одбрана соопшти дека повеќе кинески бродови и авиони извршуваат мисии во Тајванскиот теснец, а некои ја преминале централната линија, неофицијалниот тампон што ги дели двете страни. Тајванската војска верува дека овие движења биле дел од симулиран напад на главниот остров на Тајван.

Војската на Тајван издаде предупредување и распореди патролни сили за воздушно извидување и бродови за набљудување, a ги стави во состојба на подготвеност и ракетите од копно.

Пелоси пристигна во Тајван во вторникот. Нејзината посета на островот, и покрај предупредувањата на Кина, е посета на највисоко ниво на американски функционер во последните 25 години. Таа во Тајман стигна по посетата во Јапонија, остварена во рамки на нејзината поширока азиска турнеја.

Тајван е самоуправа од 1949 година. Пекинг вели дека неговите односи со Тајван се внатрешно прашање и го задржува правото да го стави островот под кинеска контрола, доколку е потребно и со сила. Тајван пак ги отфрла тврдењата на Кина, велејќи дека само народот на Тајван може да одлучи за нивната иднина.