Израелската војска изврши напад во Појасот Газа

Израелски војник стои на блокиран пат кон Газа, 4 август 2022 година.

Израел соопшти дека ја нападнал Газа и прогласува „специјална ситуација“ на домашниот фронт по неколкудневните тензии поради апсењето на висок палестински милитант на окупираниот Западен Брег.

Денеска можеше да се слушне експлозија во градот Газа, каде што беше забележан чад како излегува од седумкатница.

Израел претходно оваа недела ги затвори патиштата околу Газа и испрати засилување на границата додека се подготвуваа за напад по апсењето на член на милитантната група Исламски џихад во окупираниот Западен Брег во понеделникот, 1 август.

Израелското Министерство за одбрана на Твитер напиша: „По директните закани од палестинскиот исламски џихад во Газа, во моментов се вршат напади во Појасот Газа. Прогласена е посебна ситуација на израелскиот домашен фронт“.

Израелскиот министер за одбрана Бени Ганц ги посети заедниците во близина на Газа на 5 август, велејќи дека властите подготвуваат „акции за отстранување на заканата од овој регион“, без да даде детали.

Неколку стотици Израелци протестираа во петокот во близина на Појасот Газа барајќи враќање на затворениците и останките на двајцата израелски војници кои ги држат лидерите на милитантите на Хамас.

Израел го затвори преминот кон Газа по нови ракетни напади

Протестите беа предводени од семејството на Хадар Голдин, кој беше убиен заедно со Орон Шаул во војната во Газа во 2014 година. Хамас сè уште ги држи нивните останки, како и двајца израелски цивили кои залутале во Газа и се верува дека се ментално болни, надевајќи се дека ќе ги разменат за некои од илјадниците палестински затвореници кои ги држи Израел.

Демонстрантите поминаа низ два полициски контролни пункта на пат во близина на силно обезбедуваната граница на Газа пред да застанат на третиот.

Израел и Хамас се непријателски расположени, бидејќи водеа четири војни и десетици помали вооружени конфликти откако Хамас ја презеде контролата врз Газа пред 15 години.

Израел вели дека не може да има голем напредок кон укинување на блокадата додека не се ослободат посмртните останки на војниците и заробените цивили.