Политичари, архитекти, кошаркарки...

РУСИЈА - Американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер доби девет години затворска казна, одлучи Судот во Русија. Тој ја прогласи за виновна за шверц на дрога. Според Судот таа намерно донела масло од канабис во Русија кога дошла да му се придружи на нејзиниот тим во земјата. Гринер беше уапсена бидејќи кај неа биле пронајдени ампули со 0,7 грама масло од канабис.

УКРАИНА - Украинските сили ги доведоа цивилите во опасност со воспоставување бази и оперативни системи за оружје во населените станбени области, вклучително и во училиштата и болниците, во обид да се справат со руската инвазија која започна во февруари, соопшти денеска Амнести интернешнал.

МАКЕДОНИЈА - Управата за извршување на санкции демантира какво било организирано учество на припадници на затворската полиција во малтретирање на член на политичката партија Левица за време на прославата на државниот празник Илинден во Крушево, соопшти денеска Управата.

СРБИЈА / КОСОВО - Следната рунда од дијалогот меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво ќе се одржи на 18 август во Брисел, потврди портпаролот на Европската унија (ЕУ), Петер Стано.

УКРАИНА / РУСИЈА - Судот на Крим, формиран од руските власти, соопшти дека покренал истрага против новинарката на Радио Слободна Европа, Олена Јурченко, за „активности што ги дискредитираат вооружените сили на Русија“.

АВГАНИСТАН - Талибанците соопштија дека ги истражуваат „тврдењата“ дека лидерот на Ал Каеда Ајман ал Завахри бил убиен во напад на американско беспилотно летало во Кабул и тврдат дека немале информација дека тој влегол и живеел во главниот град на Авганистан.

БЕЛГИЈА - На Русија не треба да и се дозволи да победи во војната во Украина, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. „Во наш интерес е овој тип на агресивна политика да не успее“, рече Столтенберг во говорот во Норвешка. Опишувајќи го она што Москва го нарекува „специјална воена операција“ како напад врз актуелниот светски поредок, Столтенберг рече дека Aлијансата мора да спречи ширење на војната. „Ова е најопасната ситуација во Европа по Втората светска војна“, наведува тој.

ИТАЛИЈА - Даночната полиција во Италија заплени имот во вредност од повеќе од 141 милион евра за кои се вели дека му припаѓаат на архитект кој го дизајнирал луксузниот имот наречен „палата на Путин“. Даночните власти во Бреша, северна Италија, соопштија дека заплениле имот од „познат професионалец“, велејќи дека тој не платил даноци од 2013 до 2019 година. Италијанските медиуми и Ројтерс наведуваат дека имотот му припаѓал на Ланфранко Чирило.

САД - Сенатот на Соединетите држави, кој има 100 пратенички места, синоќа го одобри пристапот на Финска и Шведска во НАТО, што е најголемото проширување на 30-члената алијанса од 1990-тите, а кое доаѓа по руската инвазија врз Украина. Протоколот за пристапување на Финска и Шведска во НАТО беше поддржан од 95 членови на Сенатот во екот на воената кампања што Русија ја води против соседна Украина повеќе од пет месеци. Американскиот претседател Џо Бајден, силен поддржувач на Украина, се залага за што поскоро прием на две земји од северот на Европа во западниот воено-политички сојуз Мнозинството демократи и републиканци изразија силна поддршка за проширувањето на Алијансата.

АВСТРИЈА - Главните преговарачи за Иран и САД се враќаат во Виена за да ги продолжат разговорите за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и глобалните сили. Роб Мали, претставник на САД, на 3 август изјави дека оди за Виена за да ги продолжи преговорите „со подигнати очекувања“. Соединетите Држави се „подготвени за добар обид за постигнување договор“, додавајќи: „Наскоро ќе биде јасно дали Иран е подготвен на истото“. Во Виена е и главниот ирански преговарач за нуклеарно оружје, Али Багери Кани.

ТАЈВАН / КИНА - Министерството за одбрана на Тајван денеска соопшти дека војската ќе продолжи да го зајакнува нивото на будност и ќе реагира соодветно на „непријателската ситуација“. Кина оваа недела спроведува неколкудневни воени вежби со боева муниција во зоните околу Тајван, како одговор на посетата на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси.