Ерупција на вулкан на Исланд во близина на аеродромот

Архивска фотографија: Ерупција на вулкан во Исланд

Денеска почна да еруптира вулкан во југозападен Исланд, во близина на меѓународниот аеродром Кефлавик, соопштија властите.

Исландскиот метеоролошки завод соопшти дека ерупцијата била во близина на планината Фаградалсфјал, 32 километри југозападно од главниот град Рејкјавик.

На објавените видеоснимки се гледа како растопена лава излегува од тесните пукнатини.

Ерупцијата уследи после повеќекратни слаби земјотреси во таа област во изминатите неколку дена.

Минатогодишната ерупција во истата област, прва на полуостровот Рејкјанес во скоро 800 години, произведе спектакуларно повеќемесечно исфрлање лава.

Исланд, кој се наоѓа над вулканско жариште во северниот Атлантик, во просек бележи ерупција на секои четири до пет години.