Шредер и Путин разговараа за проблемите со снабдувањето со гас

Архивска фотографија: Шредер и Путин пијат пиво во 2011 година

Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер, пријател на рускиот претседател Владимир Путин, изјави дека е загрижен за енергетската криза предизвикана од руската инвазија врз Украина и побара од Путин да објасни како гледа на ситуацијата и дали гасоводот Северен тек 2 може да биде ставен во функција.

По средбата меѓу Шредер и Путин минатата недела, Кремљ соопшти дека тие разговарале за пречките во снабдувањето со гас и намалувањето на испораките од Русија. Москва обвинува дека уште не ја добила поправената турбина од Германија. Берлин, пак, вели дека е подготвен да ја испорача, но дека Русија треба да поднесе документи за враќање на турбината.

„Тој [Шредер] побара од Путин да ја разјасни ситуацијата и да ја објасни позицијата на руската страна за оваа ситуација“, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков.

Тој рече дека Путин му кажал на Шредер дека гасоводот Северен тек 2 е подготвен за употреба. Тој исто така тврди дека руските испораки на гас се намалиле на 30 милиони кубни метри дневно, од 167 милиони кубни метри по полските санкции за гасоводот Јамал-Европа и откако Украина го прекина протокот преку една од рутите.

Шредер беше германски канцелар од 1998 до 2005 година. Тој ја критикуваше руската војска против Украина, но одби да го осуди Путин, кого сè уште го нарекува близок личен пријател.

Гасоводот Северен тек 2, кој неодамна беше завршен, беше жестоко критикуван дека ќе ја продлабочи германската зависност од руска енергија. Гасоводот никогаш не почна со работа.