Мицкоски: Секое бегство од референдумот е бегство од народот

Преку обединување и подавање рака кон секому на кој Македонија му е на прво место да се бориме против предавствата и болната реалност, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Во своето обраќање по повод Денот на Републиката од струшкото село Ташмаруништа, место во кое се одвивале клучни битки за време на Илинденското востание повика преку обединување за Македонија да се вратат енергијата и државата, односно, како што рече, да го вратат изгубеното и да создаваат иднина, без откажување, како илинденците.

Тој порача дека се подготвени да ја платат секоја цена за да ја зачуваат Македонија и македонските национални интереси и побара поддршка за референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат дали под вакви услови сакаат да влеземе во ЕУ.

„Референдумот за отфрлање на асимилацијата која тие ја прифатија е добра можност политичката елита да покаже колку го вреднува ставот на народот дури и тогаш кога поинаку мисли од него. Јавно повикувам да поддржиме референдум. Сите заедно да повикаме и на народот да му дадеме шанса да донесе одлука и сакам уште еднаш тука да потенцирам по којзнае кој пат, народот да биде спокоен, без оглед на тоа што ќе смисли оваа власт како опструкција или отпор за референдумот, гаранцијата и блокадата за зачувување на Уставот од страна на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се факт и тоа останува“, порача Мицкоски.

Тој вели дека референдумот е огледало на немоќта на власта и на нивниот морален хазард и бегајќи од него сакаат „ да го пренесат народот жеден преку езеро“ без притоа да имаат обзир за тоа каква катастрофа прифаќаат. Според него секое бегство од референдумот е бегство од народот, а со тоа се покажува колкаво предавство се прави на Македонија и македонскиот народ.

Единствен излез од актуелната ситуација според Мицкоски се парламентарни избори и ново мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои ќе бидат гаранција дека Македонија ќе го врати изгубеното.