Во напад со американски дрон во Авганистан убиен лидерот на Ал Каеда

Лидерот на Ал Каеда Ал Завахри, Септември 2014

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека водачот на Ал Каеда Ајман ал Завахри, еден од најбараните терористи во светот, бил убиен во напад на американско беспилотно летало во Кабул за време на викендот.

„Сега правдата е задоволена и овој терористички лидер го нема“, рече Бајден во телевизиското обраќање на 1 август.

Белата куќа претходно објави дека Соединетите држави спроведоа успешна антитерористичка операција против „значајна“ цел на Ал Каеда во Авганистан во текот на викендот.

Бајден рече и дека американските разузнавачки службеници го следеле Ал Завахри во дом во центарот на Кабул каде што се криел со своето семејство. Претседателот ја одобри операцијата минатата недела и таа беше спроведена на 31 јули.

Видете и ова: Специјалните сили на САД спроведоа антитерористички напад во Сирија


71-годишниот Ал Завахри ги надгледуваше терористичките напади врз САД на 11 септември 2001 година, заедно со Осама бин Ладен, основачот на Ал Каеда. Бин Ладен и Ал Завахри побегнаа од американските сили во Авганистан кон крајот на 2001 година, а локацијата на Ал Завахри долго време беше мистерија.

Ал Завахри ја презеде функцијата лидер на Ал Каеда откако Бин Ладен беше убиен во акција на американските сили во Пакистан во 2011 година.

Тој ,исто така, беше идеолог на глобалните терористички мрежи на Ал Каеда неколку децении и имаше централна улога во нападите на Ал Каеда врз американските амбасади во Кенија и Танзанија во 1998 година, три години пред нападите на 11 септември во кои загинаа речиси 3.000 луѓе.