Санчез во Скопје - Вреди да се биде дел од ЕУ

Премиерот Димитар Ковачевски со највисоки државни почести го пречека премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез кој денеска пристигна во прва официјална посета на Македонија.

Секогаш вреди да се биде дел од европскиот и политички проект – ЕУ, рече денеска премиерот на Кралството Шпанија Педро Санчез, споделувајќи го шпанското искуство со реформите за влез во ЕУ. Санчез денеска престојуваше во прва официјална посета на Македонија.

На прес-конференцијата со премиерот Димитар Ковачевски шпанскиот премиер рече дека Северна Македонија е во Европа, како географски, така и историски и дека сега земјава е еден чекор поблиску до посакуваната цел. Тој вели дека Македонија може да смета на поддршката од Шпанија за следните чекори за членство во ЕУ.

Прес-конференција на Санчез и Ковачевски


Посетата на регионот, Педро Санчез Перез-Кастехон ја оцени како симболична поради две основни причини – прво дека пред неколку дена се деблокира процесот за отпочнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ и второ, како што рече, обединетоста против бруталната агресија на Путин во Украина.

„Благодарност за вашата широкоградост и одговорност, што ја ставивте иднината на земјата и вашата европска визија пред било кој друг интерес. Ја направивте правиот избор, го деблокиравте патот што ќе ја доведе Северна Македонија на местото каде што треба да биде“, рече шпанскиот премиер на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин премиерот Димитар Ковачевски.

Премиерот Ковачевски порача дека денешната посета е симбол на речиси 30-годишните одлични билатерални односи меѓу двете земји, изразувајќи благодарност за силната поддршка на Шпанија за членство на Северна Македонија во ЕУ.

„Ние сме подготвени за ЕУ и со цврст чекор одиме напред кон полноправно членство во Унијата. Тоа е процес од кој нема да отстапиме, бидејќи нашето место е во ЕУ. Затворивме едно поглавје и отвораме ново, европско, во кое ќе делиме европска иднина со нашите пријатели, како што е Шпанија“, изјави Ковачевски.

Посетата на Педро Санчез Перез-Кастехон на Македонија е дел од неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан, што ги вклучува и Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија.

Санчез, по средбата со премиерот Димитар Ковачевски, се сретне и со претседателот на држават Стево Пендаровски.

Средба Санчез- Пендаровски


Пендаровски истакна дека Шпанија низ годините се покажа како важен партнер на Северна Македонија на билатерален и мултилатерален план и принципиелен поддржувач на аспирациите за членство во Европската Унија.

На средбата беше посочено дека претстојното претседателство на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година и претседателството на Шпанија со Европската Унија во втората половина на 2023 година се добра можност за меѓусебно координирање во однос на активностите и приоритетите, соопштија од Кабинетот на Пендаровски.

Во текот на разговорот, соговорниците разменија и мислења и во однос на актуелните случувања во регионот на Западен Балкан.