Лавров: Москва ќе предложи време за разговор со Вашингтон за затворениците

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека Москва наскоро ќе предложи време за разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, за да разговара за размена на затвореници. Блинкен во средата рече дека Вашингтон дал „значителна понуда“ за ослободување на американската кошаркарска ѕвезда Бритни Гринер и поранешниот маринец Пол Вилан, двајцата приведени во Русија.

Русија ги потврди разговорите за размена на затвореници со САД

Вашингтон, според некои извори, бил подготвен да го размени осудениот трговец со оружје Виктор Бут, затворен во САД, како дел од таков договор. Лавров рече дека разговорите за размена на затвореници се водат од самитот во Женева во минатата година меѓу претседателите Владимир Путин и Џо Бајден. Тој додаде дека ќе слушне што има да каже неговиот американски колега.