Вонредната состојба во Молдавија продолжена за 60 дена

Владата на Молдавија

Парламентот на Молдавија гласаше за продолжување на вонредната состојба за 60 дена, откако владата рече дека сè уште и се потребни посебни овластувања за да се справи со последиците од руската инвазија врз Украина. Премиерката Наталија Гаврилита им рече на пратениците дека постојат континуирани ризици за енергетската и граничната безбедност и потребата да се управува со протокот на бегалци од Украина. Таа рече дека ризиците за Молдавија поради војната во Украина „остануваат високи“. Продолжувањето ќе стапи во сила на 8 август и ќе продолжи до 8 октомври.

Претседателката на Молдавија во посета на Украина

Околу 500.000 бегалци ја преминаа границата откако Русија ја започна инвазијата во февруари. Околу 100.000 останаа во Молдавија. Парламентот на Молдавија два дена по руската инвазија гласаше за одобрување на привремена вонредна состојба и ја продолжи мерката во април и повторно во јуни. Одделно, Комисијата за јавно здравје на Молдавија на 28 јули им препорача на Молдавците да носат маски за заштита од коронавирусот не само во медицинските установи, туку и во јавниот транспорт, трговските центри и продавниците. Комисијата ја даде препораката врз основа на зголемување на случаите на ковид-19 во последните недели.