Убиени 5 лица во руските напади во централна Украина

Оштетен објект од напад во Миколајев

Во руските напади врз централниот украински регион Кировоград денеска загинале пет лица, а повеќе од дваесетина други се ранети додека Украина продолжува со својот напор за повторно заземање на јужниот регион Херсон.

Регионалниот гувернер Андриј Рајкович во видео на социјалните мрежи изјави дека биле погодени два хангари. Тој рече дека 25 лица биле пренесени во болница, а пет починале.

Интерфакс-Украина ги цитираше градските власти дека во нападот е оштетена „авијациската опрема“, авионите и околните згради.

Руски ракетни напади ги погодија и регионите Киев, Чернихив, Миколајев и Харкив. Според Олекси Хромов, висок функционер во Генералштабот на Украина, нападот врз регионот на Киев, прв по неколку недели погодил воена единица во село во предградието на главниот град.

Нападот уништи една зграда и оштети две други, рече тој, додавајќи дека украинските сили собориле еден од проектилите.

Регионалниот гувернер на Киев, Олексеј Кулеба изјави дека во нападите се ранети 15 лица, од кои пет цивили. Кулеба ги поврза нападите со Денот на државноста, комеморација што претседателот Володимир Зеленски ја воведе минатата година.

„Русија, со помош на проектили, се одмаздува за широкиот народен отпор, кој Украинците можеа да го организираат токму поради нивната државност“, изјави Кулеба за украинската телевизија.

Русија ја започна инвазијата во украина на 24 февруари.