САД со „понуда“ до Москва за ослободување Американци

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека Соединетите држави и дале „значителна понуда“ на Русија за ослободување на Пол Вилан и Бритни Гринер, двајца Американци кои се држат во руски затвори под обвиненија за кои САД велат дека се политички мотивирани. Блинкен не понуди детали за предложениот договор, но рече дека понудата била дадена пред неколку недели и оти очекува за тоа да разговара со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Доколку повикот се оствари, тоа ќе биде прв директен контакт меѓу двајцата дипломати откако Русија ја нападна Украина.

Вашингтон ќе го поддржува Киев „колку што е потребно“

Гринер е притворена под обвинение за шверц на дрога и сведочеше на сопственото судење на 27 јули во судница надвор од Москва. Вилан, поранешен американски маринец, беше приведен во декември 2018 година и е обвинет за шпионажа. Американските и руските медиуми објавија дека САД би можеле да бараат ослободување на Гринер и Вилан во замена за Виктор Бут, руски трговец со оружје кој моментално отслужува 25-годишна затворска казна во Соединетите држави, откако беше осуден за заговор за убиство на американски граѓани и давање помош на терористичка организација.