Конгресменот Смит вели дека оружјето со долг дострел е клучно за победата на Украина

Претседателот на Украина Володимир Зеленски (лево) и шефот на делегацијата на Претставничкиот дом на САД, шефот на Комитетот на вооружените сили Адам Смит во Киев, 23 јули 2022 година

Американскиот конгресмен Адам Смит, претседател на Комитетот за вооружените сили, вели дека Вашингтон се надева дека значително ќе се зголеми количеството на оружје со долг дострел што го има Украина за да ја победи Русија и да го спречи бруталниот, неиспровоциран напад на претседателот Владимир Путин врз земјата.

Зборувајќи за украинскиот сервис на РСЕ, Смит (демократ од Вашингтон) рече дека тој има за цел Украина да добие до 30 мултиракетни системи, Киев побара најмалку 50, што е можно поскоро „затоа што во оваа борба, кој и да може да види подалеку и пука подалеку, ќе биде во подобра форма“.

„Путин се обидува да ја прошири руската територија преку брутален, неиспровоциран напад. Тоа не е затоа што Путин се чувствувал загрозен. Тоа е бидејќи Путин сака да ја прошири територијата на Русија со брутална сила“ рече Смит кој се сретна со украинскиот претседател Володомир Зеленски додека беше во Киев со двопартиска група пратеници.

САД веќе испорачаа десетина артилериски ракетни системи М142 или HIMARS во Украина и неодамна одобрија испорака на уште четири. Во меѓувреме, западните сојузници испорачаа неколку М270 ракетни системи за повеќекратно лансирање (MLRS) на Украина. Системите можат да истрелаат ракети далеку зад непријателските линии со прецизност од неколку метри, што ги прави многу ефикасни.

Осврнувајќи се на една од долго бараните желби на Киев, Смит во интервјуто снимено на 23 јули, рече давање американски борбени авиони на Украина во овој момент не е изводливо, и дека наместо тоа, фокусот „повеќе е на ракетните системи, дострели, беспилотни летала и аспектите за електронско војување“.

„Системите HIMARS со нивниот дострел, знаете, 30 до 50 километри се навистина корисни. Ние веќе го видовме нивниот импакт само во последниот месец. Но ако тие имаат подолг дострел, ќе биде потешко за Русите да ги сокријат своите работи“, рече тој.

Смит посочи дека важноста на војната оди подалеку од границите на Украина бидејќи Русија крши една од централните премиси на современиот свет: „дека суверените граници се важни“.

„Сите во светот имаат удел во тоа тој [Путин] да не успее. Затоа што ако успее, секој може да го направи тоа секаде“, рече Смит.

„И Путин не е склон да застане на Украина. Тој претендира на друга територија, Кина претендира на друга територија, треба јасно да кажеме дека не можете да земете друга суверена територија со сила. Затоа мислам дека тој е длабока закана не само за Украина, но за светскиот мир и стабилност“.