Несекојдневен спортски подвиг на младиот планинар Харис Беќири од Ростуше

Илустративна фотографија

Младиот планинар и спортист Харис Беќири од Ростуше се впиша во листата на 612 луѓе во светот, кои го совладале напорниот и несекојдневен спортски предизвик, познат како Еверестинг, објави Медат Куртовски, повереник за надлежностите на градоначалникот на Општината.

Станува збор за всушност неформален формат на спортска активност – најчесто велосипедизам, трчање или пешачење каде предизвикот е да се направи вкупно искачување од над 8 848 висински метри, односно височината на Еверест, во еден единствен обид, што значи, совладување на таа надморска височина на одредена делница (качување и симнување) повеќе пати.

„Харис го започна предизвикот вчера во 4 часот наутро, а го заврши успешно денеска, напладне, што значи дека се искачуваше и симнуваше околу 32 часа“, вели Куртовски.

Најракометниот град во државата има спортска сала од времето на Тито

Ваквиот подвиг се пријавува во посебна асоцијација на светско ниво, која преку посебен софтвер води статистика и контрола за време на активноста.

Со оглед дека Харис ја исполни целта, официјално се вбројува помеѓу 612 луѓе во светот кои го совладале спортскиот предизвик.