Во Охрид отворен Конзулат на Србија

Српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ и неговата колешка Бисера Костадиновска Стојчевска на церемонијата поради отворањето на новиот српски конзулат во Охрид, 23 јули 2022 година.

Продолжување на билатералните, пријателски и добрососедски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Србија значи денешното отворање на српскиот Конзулат во Охрид, каде за почесен конзул е избран охриѓанецот Михајло Филев.

На свеченоста присуствуваа министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ, вицепремирката Славица Грковска, министрите за правда Никола Тупанчевски и за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и други гости.

Билатерланите односи меѓу двете земји, според шефот на српската дипломатија, се добри во многу сегменти, втемелени на заедничка историја и блиските врски на двата народи, но и заедичката определеност за иднина.

„Соработката со соседните земји во чувањето на мирот и стабилноста на регионот, тежнеењето на полноправно членство кон ЕУ, се приоритети на надворешната политика на Република Србија и овие наши приоритети веројатно секој би помислил дека се приоритети, што и така е, и на Република Северна Македонија“, рече Селаковиќ.

Заедничката желба за соработка и зајакнување на мостовите кои не поврзуваат, забележа дека се гледа и низ историската иницијатива на „Отворен Балкан“ каде три држави направија сериозен исчекор во насока на економака соработка и подобрување на квалитетот на живот на сите свои граѓани.

Министерката за култура Костадиновска Стојчевска подвлече дека отворањето на Конзулатот е уште една потврда и силен поттик за унапредувањето и продлабочувањето на билатералната соработка меѓу нашите две блиски и пријателски земји во сите области од взаемен интерес, посебно на планот на економско-трговската соработка, културата и посебно во делот на туризмот.

„Охрид, како и досега, е привлечна дестинација за српските туристи, кои се секогаш добредојдени во што поголем број. Република Северна Македонија и Република Србија имаат извонредни односи во областа на културата, кои се материјализираат низ реализација на голем број проекти од сите свери на творештвото. Потврда за ова се и потпишаните програми за културна соработка меѓу министерствата за култура на двете земји, кои особено придонесоа во зацврстувањето на културните врски и ги охрабрија новите иницијативи“, рече министерката за култура.

Лидерите на Отворен Балкан: соработка за силен економски регион подготвен за членство во ЕУ

Најави дека наскоро треба да биде потпишана и новата програма за културна соработка која значително ќе ја зголеми презентацијата на македонската култура во Србија, но и претставувањето на српската култура во нашата земја.

„Развитокот на културниот простор во кој сложено живееме и во кој учиме едни од други, создава предуслови и за развој на економските и на политичките врски, затоа што, сепак, се почнува со култура и се завршува со култура. Пред нас постои силен предизвик да се впуштиме во оформување на заедничките интереси важни за иднината на нашето минато и за идентитетот на нашата сегашност“, подвлече Костадиновскаа Стојчевска.

Република Србија во јуни донесе одлука за отворање на Конзулат во Охрид, а за почесен конзул поставен е Михајло Филев. Конзулатот ќе ги опфаќа со работа општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Дебар и Центар Жупа.