Со цел поуспешно пребродување на кризата со топлинска енергија, Владата го задолжи АД ЕСМ ќе основа три трговски друштва за вршење поединечна енергетска дејност производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје, чиј основач и единствен содружник ќе биде АД ЕСМ, информираат од Акционерското друштво.
Ова се случува откако вчера владата го задолжи ЕСМ за основање на друштвата поради одземените лиценци на БЕГ за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија.
Новооснованите друштва, велат од ЕСМ, ќе бидат задолжени да се јават во постапката за избор на вршител на енергетска дејност кој што ќе има обврска за обезбедување на јавната, односно универзалната услуга, која ја спроведува Владата.
„АД ЕСМ ќе влезе во овој проект со свои капацитети, но и со нови капацитети во делот на опремата и човечките ресурси, се со цел да обезбеди континуирано и стабилно снабдување на Скопје со топлинска енергија за претстојната грејна сезона. Во овој проект ќе помогне и Владата, со носење на брзи одлуки и поддршка во делот на финансиите“, се вели во соопштението на компанијата.
Од компанијата додаваат дека се задолжени да формираат уште еден ДООЕЛ-Топлификација Битола, кое ќе има обврска да го спроведува реализирањето на договорот во прва фаза кој АД ЕСМ го има склучено за изградба на топловодот од РЕК Битола до градот Битола, од кој корист ќе имаат и соседните општини Новаци и Могила. Проектот, како што појаснуваат од ЕСМ бил замислен пред 30 години, а инвестицијата е над 40 милиони евра.