Првата дама на Украина побара оружје од САД

Олена Зеленска

Првата дама на Украина, Олена Зеленска побара од САД повеќе одбранбено оружје со цел да се спречат руски воздушни напади кои „убиваат деца во нивните колички“ и што може да ги заштити Украинците од руски „терористички напади“.

Зеленска која е во посета на Вашингтон оваа недела во говор пред Конгресот изјави дека Украина е благодарна за воената помош што САД ја испратија, но сега на земјата и требаат системи за противвоздушна одбрана.

„Сакаме секој татко и секоја мајка да може да им каже на своите деца мирно да спијат. Нема да има повеќе воздушни напади“, рече таа.

Нејзиниот опис на „децата убиени во колички“ е по рускиот воздушен напад минатата недела во кој беше убиена 4-годишната Лиза Дмитријева, чие тело беше пронајдено покрај количка.

„Додека Украина е благодарна за воената помош од Вашингтон за жал, војната не е завршена“ и апелираше за оружје во име на Украинците кои се убиени и осакатени и во име на оние што преживеале.

Зеленска која вчера ја посети Белата куќа рече дека иако американските законодавци можат да се радуваат на нормалниот распоред, таа и другите мајки во Украина се прашуваат дали нивните деца ќе се вратат на училиште наесен, додека наставниците се прашуваат дали треба да се подготват за училница или засолништа за бомби.

„Оваа нормалност е токму она од што сме лишени“, рече Зеленска.

Сопругот на Зеленска, украинскиот претседател Володимир Зеленски, претходно оваа недела изјави дека очекува „значителни резултати“ од состаноците на неговата сопруга во Вашингтон. Русија ја започна инвазијата во Украина на 24 февруари.