Забранетата руска тв Дожд ќе емитува програма од Летонија

Наталија Синдеева, генерален директор и сопственик на ТВ Дожд

Независната руска телевизија Дожд, која беше принудена да ја прекине работата во март по притисокот поради нејзиното покривање на руската инвазија на Украина, соопшти дека ќе започне со емитување на некои од своите програми од Летонија.

Наталија Синдеева, генерален директор и сопственик на Дожд, денеска рече дека каналот повторно ги започнува своите вечерни програми онлајн. Синдеева додаде дека „големо, сериозно“ рестартирање на телевизискиот канал е планирано за есен оваа година, кога студиото треба да биде целосно опремено.

Летонскиот национален совет за електронски медиуми на почетокот на јуни објави дека и дал дозвола за емитување на ТВ Дожд.

Во март, набргу откако Русија ја започна својата неиспровоцирана инвазија на Украина, Синдеева рече дека онлајн телевизискиот канал ги прекинува своите активности на неодредено време поради „новите услови“ во Русија.

Синдеева го најави започнувањето на програмата во Летонија еден ден откако главниот уредник на Дожд, Тихон Јадко, рече дека тој и неколку други новинари на Дожд ја напуштиле Русија поради безбедносни причини. Веб-страницата на Дожд беше блокирана во Русија на 1 март на барање на обвинителството.

Русија дополнително ја зајакна контролата врз слободата на медиумите во Русија, откако започна инвазија на Украина на 24 февруари.

Во март, претседателот Владимир Путин потпиша закон со кој се изрекува затворска казна до 15 години за „намерно ширење лажни“ вести за руската војска.

Медиумскиот регулатор Роскомнадзор им забрани на медиумите воената агресија на Русија да ја нарекуваат војна или инвазија, но да ја означат како „специјална воена операција“.

Тој блокираше некои платформи на социјалните медиуми, вклучително и веб-страниците на руските, казахстанските, туркменските и таџикистанските сервиси на Радио Слободна Европа, како и Гласот на Америка и Дојче Веле.

Во првите недели од војната, неколку големи меѓународни радиодифузери ги прекинаа своите операции во Русија, вклучувајќи ги Би-Би-Си, Си-Ен-Ен, Блумберг, Си-Би-Ес, германските АРД и ЗДФ. Би- Би-Си и АРД во меѓувреме продолжија со работа.