Бајден вети дека САД ќе останат ангажирани на Блискиот Исток

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден ја заврши својата посета на Блискиот Исток, ветувајќи дека ќе остане ангажиран во регионот и ќе им помогне на земјите таму да се спротивстават на обидите за влијание од страна на Иран, Русија и Кина.
Иран беше меѓу главните цели на критиките на Бајден кога вчера ја напушти Саудиска Арабија за да се врати назад во Вашингтон.

„Јасно дозволете ми да кажам дека Соединетите Држави ќе останат активен партнер на Блискиот Исток. Нема да заминеме и да оставиме вакуум што треба да го пополнат Кина, Русија или Иран“, рече Бајден на состанокот на Советот за соработка во Заливот во Џеда, Саудиска Арабија.

Бајден посочи дека САД сакаат да помогнат во зајакнувањето на заштитата на меѓународното поморство на Блискиот Исток.

„САД нема да дозволат странските или регионалните сили да ја загрозат слободата на пловидба низ Блискиот Исток“, рече тој.

Тој, исто така, повтори дека Вашингтон нема да дозволи Иран да се здобие со нуклеарно оружје, повторувајќи ги коментарите што ги даде во Израел на почетокот на неговата прва посета на Блискиот Исток откако ја презеде функцијата.

Иран денеска реагираше обвинувајќи го Вашингтон дека предизвикува тензии на Блискиот Исток.

„Вашингтон уште еднаш прибегна кон неуспешна политика на иранофобија, обидувајќи се да создаде тензии и кризи во регионот“, рече портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани.