Продолжи расправата во Собранието за францускиот предлог

Собрание

Во Собранието денеска продолжи расправата за францускиот предлог. Според списокот на пријавени пратеници, останати се уште тројца кои имаат право на збор, по што Собранието ќе треба да одлучува за содржината на Предлог преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

Дебатата во Собранието вчера се одвиваше во слична атмосфера како што започна со користење на вувузели и свирежи од пратениците на ВМРО ДПМНЕ додека се обраќаат пратениците на СДСМ.

Во меѓувреме од партијата Левица повикаа на протести пред законодавниот дом во 12 часот.

Таканаречениот француски предлог за укинување на бугарското вето и почеток на пристапните преговори, зад кои застана целата ЕУ, во Македонија наиде на отпор од македонската опозиција, дел од граѓаните, академската јавност и невладините организации.

Почетокот на преговорите на ЕУ со Македонија е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата, а Брисел го врза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Македонија. Една година претходно, европскиот пат на двете земји беше блокиран од Франција, инсистирајќи на промена на методологијата за преговори.