Жителите на Киев бараа заштита денеска, додека сирените за воздушни напади се слушаат низ главниот град на Украина по неколкудневните засилени бомбардирања со долг дострел од страна на руските сили врз украинските градови, во кои загинаа десетици лица.
Во меѓувреме, највисокиот официјален претставник за атомска енергија во Украина ги обвини руските трупи кои ја окупираа најголемата европска нуклеарна централа во Запорожје дека ја користат за гранатирање блиски области и за складирање напредно оружје. Тој, исто така, ја обвини атомската агенција на ОН за „политички игри“ во нејзините напори да надгледува и посредува меѓу украинската и руската страна.
Но, како редок знак за можен дипломатски напредок од почетокот на 20-неделната инвазија на Русија, двете земји сигнализираа напредок во разговорите за ослободување на милиони тони жито кои моментално се блокирани и заглавени во пристаништата на Украина во Црното Море.
Турските официјални претставници кои посредуваат во разговорите за жито, сугерираат дека може да се постигне договор следната недела.
Бомбардирањето на украинските градови продолжи доцна синоќа. Украинскиот претседател Володимир Зеленски наведе предупредувањата за воздушни напади низ целата земја, вклучително и во Днепро и Кременчук, два града јужно од Киев покрај реката Днепар.
Тој во своето ноќно видео обраќање до нацијата рече дека Русите „сфаќаат дека постепено стануваме посилни“ и дека користат напади врз градовите за „притисок“ и „заплашување“ на Украинците.