Руски проектили го погодија историскиот град Виниција во централна Украина во уште еден воздушен напад во кој загинаа и беа повредени голем број цивили. Украинските власти соопштија дека најмалку 23 лица, вклучително и три деца, биле убиени во нападот врз градот кој е на стотици километри од линијата на фронтот. До нападот дојде откако претставници на ЕУ се состанаа во Хаг за да разговараат за воените злосторства во Украина. Државната служба за итни случаи соопшти дека најмалку 52 лица се повредени. Градскиот совет во Виниција соопшти дека многу од нив се во сериозна или критична состојба. Најмалку 39 лица се водат како исчезнати.
Неколку градови во источна Украина под напад од руска артилерија
Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека меѓу убиените имало три деца. Претседателот Володимир Зеленски го нарече нападот „отворен чин на тероризам“. Во обраќањето до претставниците на ЕУ во Хаг, Зеленски рече дека имало осум ракети, од кои две го погодиле центарот на градот. Тој ги повика претставниците на Европскиот и Меѓународниот кривичен суд да отворат специјален трибунал за инвазијата на Русија. Европската унија и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш остро го осудија нападот како „злосторство“.