Неколку градови во источна Украина под напад од руска артилерија

Припадници на украинската армија се возат со оклопни возила, во регионот Донецк, 7 јули 2022 година

Украинските власти објавија дека руските сили продолжиле да го гранатираат Доњецк во обид да го заземат Донбас. Во соседниот регион Луганск, украинските војници се бореа да ја задржат контролата врз две села додека беа изложени на руската артилерија, изјави Серхи Хајдај, гувернер на Луганск. Русите „намерно го претвораат Донбас во пепел“, рече Хајдај. Руската државна новинска агенција ТАСС цитираше официјален претставник на сепаратистите поддржани од Русија дека руските сили влегле во градот Соледар во Доњецк и може да го освојат за неколку дена. Не беше можно независна проверка на тврдењата.

САД ја обвинуваат Русија за присилна депортација на Украинци

Градот Бахмут се соочува со силно гранатирање, изјави Павло Кириленко, шеф на регионалната воена управа на Доњецк. Русија, исто така, нападна градови во регионот на Миколаев што се граничи со Црното Море, при што загинаа најмалку пет цивили, изјави заменик-шефот на кабинетот на украинскиот претседател. Бројот на потврдени мртви во ракетниот напад во изминатиот викенд врз станбен блок во градот Часив Јар се искачи на 48, што го прави еден од најсмртоносните во војната.