Украина започна противофанзива на југот на земјата

Голема експлозија во Нова Каховка

Украинската војска соопшти дека започнала голема противофанзива на југот на земјата, додека се обидува да ги поврати териториите кои претходно ги заземаа руските сили. Кремљ, пак, продолжува со бомбардирањата во источна Украина во обид да го заземе клучниот регион Доњецк.

Јужната команда на Украина денеска соопшти дека погодила склад со муниција во градот Нова Каховска, кој е под руска контрола, што предизвика огромна експлозија и смрт на неколку руски војници. Снимката од експлозијата се шири по социјалните мрежи.

Украинската војска соопшти дека Русија изгубила 52 војници, хаубица Мста-Б, минофрлач и седум оклопни и други возила.

Руската државна новинска агенција ТАСС, пак, извести дека мета било складиште со минерално ѓубриво, кое експлодирало и дека се оштетени пазарот, болница и околните куќи. Некои состојки од ѓубривото може да се користат за муниција.

Тврдењата за загуби на бојното поле не може да бидат независно потврдени.

Нова Каховка се наоѓа на околу 55 километри источно од клучниот црноморски пристаништен град Херсон, кој руските сили го зазедоа на почетокот на војната.

Украинската војска претходно соопшти дека собрала огромни сили во подготовките за противофанзива на југот, додека се обидува да ја поврати контролата врз клучните пристаништа, вклучително и Херсон.

Напорите на Украина неодамна беа засилени со испораката на ракетните системи со висока подвижност (ХИМАРС) и слични системи, кои ги обезбедија САД и сојузниците.

САД на 8 јули најавија дека ќе испратат уште четири системи ХИМАРС. Не е познато дали украинските сили користеле ваков систем за гаѓање на руските локации во Нова Каховка.

Во меѓувреме, Белата куќа вчера соопшти дека верува оти Иран планира на Русија да ѝ обезбеди „стотици“ беспилотни летала за војната во Украина.