Русија може да ја прошири забраната за „геј пропаганда“

Aктивист вее оштетено знаме со виножито за време на Парада на гордоста во Санкт Петербург на 26 јули 2014 година

Русија може да ја прошири својата забрана за таканаречената „геј пропаганда“ оваа година, проширувајќи го законот за кој активистите велат дека ги изложил ЛГБТИ луѓето во ризик и довел до зголемена дискриминација и насилство.

Претседател на комисијата во Државната дума, долниот дом на рускиот парламент, на 11 јули напиша на Телеграм дека законот од 2013 година со кој се забранува ширење на „пропаганда на нетрадиционални сексуални односи“ меѓу малолетниците е „недоволен“.

„Предлагаме целосно да се прошири забраната за тој вид на пропаганда меѓу публиката од сите возрасти (офлајн, медиуми, интернет, социјалните медиуми, како и во кината)“, напиша Александар Хинштајн, додавајќи дека неговиот комитет предлага построга казна и за прекршувања на законот.

Тој рече дека пратениците ќе разговараат за можните амандмани наесен, кога Думата повторно ќе заседава.

Сегашниот закон предвидува казни до 1 милион рубљи (15.500 долари) или до 15 дена затвор за пропагирање „нетрадиционални сексуални односи помеѓу малолетници“.

Хинштајн додаде дека амандманите, исто така, ќе воведат построга казна за пропаганда на педофилија и ќе забранат дистрибуција на какви било информации што покажуваат „нетрадиционални сексуални односи“.

Сегашниот закон, потпишан од претседателот Владимир Путин во 2013 година, беше широко критикуван од групите за човекови права и застапниците на ЛГБТ заедницата.