Почна пленарната расправа по Дополнетиот ребаланс на Буџетот

Пленарна седница на Собранието

Во Собранието денеска на пленарна седница се разгледува Дополнетиот ребаланс на Буџетот, што е воедно и единствена точка на дневниот ред. На почетокот од седницата, која почна со едночасовно задоцнување поради прес-конференциите на пратениците во врска со координативната седница свикана од собранискиот спикер Талат Џафери, министерот за финансии Фатмир Бесими даде образложение за Дополнетиот ребаланс на буџетот и обраќајки им се на пратениците рече оти со поддршка на ребалансот на Буџетот се дава поддршка за повисоки пензии, повисоки плати, субвенции за поддржување на земјоделците и други антикризни мерки.

Владата го усвои дополнетиот ребаланс на Буџетот, во него повеќе пари за здравство и екологија

„Врз основа на светската ситуација и економските предизвици, очекувањата за движењето на цените како и другите развивања за зголемување на глобално ниво за политики кои се случуваат на светските пазари и за монетарните политики да се направи намалување на овој економски циклус за намалување на висока инфлација, се продолжува со подготовка на ребаланс на буџет за да се направат најпотребните работи за справување со кризата. Тука има два приоритети – прво да ја одржуваме макроекономската стабилност и да ја поддржиме економијата за справување и олеснување на последиците како и да создадеме едно одржливо ниво“, изјави Бесими. Бојан Стојановски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека овој Ребаланс на буџетот се случува во многу тежок момент за државата и со овој документ, според него, се докажува дека земјава во „моментов е банкротирана и со брз чекор се движи кон рецесија и сиромаштија“. Тој посочи дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе голем број амандмани, но оние кои биле суштински не се прифатени.

Бесими: Со ребалансот на буџетот продолжуваме со мерки за поддршка на граѓаните и фирмите

Согласно собранискиот Деловник, расправата по ребалансот на пленарна седница трае најмногу пет работни дена. Во изминатиот период, ребалансот на Буџетот беше разгледан на собраниската Комисија за финансирање и буџет, каде се одвиваше и амандманската расправа. Во Дополнетиот ребаланс на Буџетот се вградени амандмани со кои се обезбедуваат дополнителни 25 милиони денари за здравството, животната средина и инфраструктурата. Вкупните приходи се планирани на ниво од 245,8 милијарди денари и се за 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот или 2,9 проценти. Вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари или повисоко за 5,9 проценти, односно за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година. Дефицитот е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3 проценти од БДП. Економскиот раст е проектиран на 3,2 проценти придвижен од домашната потрошувачка, која се очекува да забележи раст од 3,3 проценти. Бруто-инвестициите се очекува да имаат раст од 5 проценти, при што покрај капиталните буџетски расходи, соодветен придонес се очекува и од приватните инвестиции.