Во Полска обидите за преминување мигранти нагло се намалуваат

челична ограда што се протега долж границата меѓу Полска и Белорусија

Бројот на мигранти кои се обидуваат да ја преминат границата од Белорусија во Полска се намали за речиси две третини откако полските власти изградија ѕид долж границата. Полската агенција за гранична контрола на 11 јули соопшти дека во март регистрирала 1.766 обиди за преминување на границата. Во јуни, бројот падна на 596, според портпаролот цитиран од новинската агенција ПАП. Полска кон крајот на јуни соопшти дека ја завршила челична ограда што се протега долж границата со Белорусија за да го запре протокот на илегални мигранти, откако десетици илјади, главно од Блискиот Исток, се обидоа да влезат во земјата-членка на ЕУ од белоруска територија минатата година.

Полска ја заврши изградбата на ѕид на границата со Белорусија

Полскиот министер за внатрешни работи Мариуш Камински на 30 јуни рече дека изградбата на челичниот ѕид висок 5,5 метри и долг 186 километри „ќе ја одвои Полска од мрачната диктатура на белорускиот владетел Лукашенко“, кого Западот го обвинува за насочување на приливот на мигрантите. Границата што ги дели двете земји всушност е долга 418 километри, но голем дел од неа е под вода. Полска и другите земји на ЕУ велат дека Лукашенко ја оркестрирал мигрантската криза заедно со неговиот сојузник, рускиот претседател Владимир Путин, како одмазда за санкциите наметнати врз него и неговиот режим за бруталното задушување на неистомислениците по масовните протести за спорните претседателски избори во август 2020 година. Белорусија ги отфрли обвиненијата дека ја предизвикала граничната криза.