Борел и Вархеји: Европа се соочува со сопствениот срам поради Сребреница

Ковчези со посмртните останки на 50 жртви на геноцидот во Сребреница во Поточари

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји, во заедничка изјава наведоа дека Европа не заборави што се случи во Сребреница, како и сопствената одговорност што не можела да го спречи и запри геноцидот. „Европа потфрли во Сребреница и ние се соочуваме со сопствениот срам“, изјавија европските претставници. Борел и Вархеји им оддадоа почит на сите жртви, како и на оние кои се уште се водат за исчезнати по геноцидот во Сребреница, нагласувајќи дека сочувствуваат со роднините и пријателите на жртвите од геноцидот во Сребреница.

Холандскиот премиер им се извини на мировните сили од Сребреница

„Меѓутоа, дури и денес не можеме да го земеме мирот здраво за готово. Неоправданата и неиспровоцирана агресија на Русија против Украина ја врати бруталната војна на нашиот континент. Масовните убиства и воените злосторства што ги гледаме во Украина предизвикуваат живи спомени на оние кои беа сведоци на војната во 1990-тите“, велат во заедничката изјава, додавајќи дека „во овие опасни времиња сакаат да го видат напредокот на Босна и Херцеговина во помирување и надминување на наследството од минатото“, како и решителниот напредок на таа земја на патот на европската интеграција. Денеска во Меморијалниот центар во Сребреница Поточари ќе биде одбележана 27-годишнината од геноцидот врз Бошњаците, што го извршија српските сили во јули 1995 година. Годинава во Поточари ќе бидат погребани 50 жртви од Сребреница.